Македонија

Спасовски: „Сејф сити“ е неопходен систем!

Спасовски: „Сејф сити“ е неопходен систем!

Поранешниот министер за внатрешни работи и актуелен пратеник Оливер Спасовски оцени дека системот „Сејф сити“ претставува значајна алатка за подобрување на јавната безбедност и контролата во сообраќајот, но нагласи дека институциите мора транспарентно да објаснат како се користат и заштитуваат податоците на граѓаните.

Во емисијата „Ноќно студио“ на 4ТВ, Спасовски рече дека современите безбедносни предизвици не можат да се решаваат со застарени методи и технологии.

„Не можете денес, со средства што се користеле во 90-тите години, да имате успешна борба против криминалот и да ја зголемите безбедноста во сообраќајот. Овој систем е една од клучните алатки што придонесува и за јавната безбедност и за безбедноста во сообраќајот“, изјави Спасовски.

Тој потсети дека поставувањето на системот за видеонадзор започнало уште во 2012 година во Скопје, Куманово и Тетово, првично за надзор на јавни површини, а подоцна системот бил надграден и за контрола на сообраќајот и покривање на автопатиштата низ државата.

Според Спасовски, најважно е институциите да дадат јасни гаранции за начинот на чување и користење на податоците, како и за заштитата на личните информации на граѓаните.

„Потребно е институциите да дадат јасни одговори: како се чуваат податоците, кој може да пристапи до нив и како се заштитуваат личните информации. За тоа постојат законски норми и процедури кои мора строго да се почитуваат“, нагласи Спасовски.

Тој додаде дека подготовките за системот биле завршени уште во 2024 година, но според него било потребно да има подолг тест-период за да се утврдат евентуалните слабости и да се спроведе поширока информативна кампања.

„Нашиот став беше да има најмалку една година тест-период, за да се согледаат сите недостатоци, да се направи широка кампања и прецизно да се дефинира заштитата на личните податоци“, рече Спасовски.

Тој оцени дека почетокот на имплементацијата покажал одредени недоследности, но додаде дека системот веќе влијае граѓаните да бидат повнимателни во сообраќајот.

Спасовски подвлече дека вакви системи се користат во многу европски и развиени земји и дека нивната главна предност е намалувањето на човечкиот фактор при санкционирањето.

„Не смее да има селективност и заштитени лица. Системот не треба и не смее да биде злоупотребуван“, изјави Спасовски.

Осврнувајќи се на тврдењата дека одредени лица би можеле да бидат изземени од санкции преку интервенции во системот, тој рече дека не сака да верува во такви сценарија и додаде дека секоја власт мора да биде гарант на слободите и правата на граѓаните.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни