Свет

Спасувачи извлекоа 11-годишно момче од урнатините три дена по земјотресите во Венецуела, соопшти привремената претседателка Делси Родригес

Спасувачи извлекоа 11-годишно момче од урнатините три дена по земјотресите во Венецуела, соопшти привремената претседателка Делси Родригес

Спасувачи извлекоа 11-годишно момче од урнатините повеќе од три дена по серијата земјотреси во Венецуела, објави привремената претседателка Делси Родригес, цитирана од Франс прес. Таа соопшти дека детето било извадено живо во Карабаледа, во сојузната држава Ла Гуаира, и на платформата Икс објави видеоснимки од спасувањето, нагласувајќи дека секој спасен живот е извор на надеж за земјата.

Итните спасувачки екипи во јужноамериканската држава водат трка со времето за да пронајдат преживеани под урнатините, бидејќи од разорните потреси поминаа неколку дена. Според хуманитарните организации, првите 48 до 72 часа се клучни, но преживеани можат да се откријат и по подолг период, доколку имаат пристап до храна и вода. Вчера екипите спасија уште едно новороденче, 32 часа по двата последователни земјотреси.

Во меѓувреме, бројот на загинати се искачи на 1.430, соопшти претседателот на венецуелскиот парламент Хорхе Родригес, кој е брат на привремената претседателка Делси Родригес. Според неговите податоци, повредени се 3.238 лица.

Раководителот на хуманитарните операции на Обединетите нации Том Флечер изјави дека повеќе од 50.000 луѓе се водат за исчезнати и додаде дека не е исклучено овој број значително да порасне, имајќи ја предвид исклучително сложената спасувачка операција што се одвива во најпогодените области.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни