Спектакли при апсења во Македонија. Овој аудио прислушуван разговор помеѓу шефот на Управата за безбедност и контраразузнавање и еден новинар, покажува колку биле внимателни – нечие апсење да се случи пред камерите. Апсењата дури се најавуваа во медиумите.
Па така, камерите не изостануваа никаде.
Спектаклите продолжија и со случајот „Монструм“, снимки кои самото МВР ги објави на Јутјуб, каде стојат и ден денеска и покрај тоа што случајот е вратен од почеток, поради сомнежи за манипулација со целиот судски процес.
Спектакуларните апсења не стивнуваат! Едно од последните кое беше објавено на Јутјуб каналот на МВР беше апсењето на тројца осомничени за тероризам и акцијата за запленување оружје. Од очите на јавноста не „се спаси“ ниту екс-министерката за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска, каде неколку дена наслов на секоја вест беше дека со лисици е спроведена во суд.
Поради овие снимки реагираше поранешната министерка за правда, Рената Дескоска, која вели река правилото „око за око“ не е добро за демократските системи.
Секако дека јавноста треба да биде известена, но информирањето треба да се прави зачувувајќи го достоинството на уапсените луѓе, вели професорката по право, Дескоска, додавајќи дека снимките се оправдани само кога тоа е неопходно.
Поранешната судијка во Европскиот суд за човекови прави, Маргарита Цаца-Николовска, смета дека спектакуларните апсења ја доведуваат во прашање приватноста, презумцијата на невиност и достоинството на уапсените во време кога постапката сѐ уште не е започната или пак нема судска завршница.
Николовска вели дека вакви случаи има и во западните земји, бидејќи новинарите „копаат“ по интересни настани, но сепак апелира да се постапува одговорно и согласно стандардите.
.
