Апсењето на партиски функционер отвори нови реакции на политичката сцена, при што Социјалистичката партија на Македонија излезе со став по приведувањето на својот потпретседател Васе Анакиев, осомничен за обид за изнудување мито.
Во соопштение доставено до медиумите, од партијата нагласуваат дека остануваат посветени на принципите на чесно и одговорно функционирање на институциите, истакнувајќи дека од новата власт очекуваат доследно почитување на владеењето на правото и правната држава.
„Нашите очекувања се насочени кон воспоставување систем во кој секој поединец и институција ќе сноси одговорност за своето работење“, наведуваат од СПМ.
Воедно, од партијата реагираат и на, како што велат, партиското етикетирање на случаи со сериозни обвиненија, како и на објавување фотографии што, според нив, го нарушуваат човековото достоинство, барајќи одговорност и објаснување за таквите постапки.
СПМ ги повика надлежните институции да постапуваат професионално, без селективност и пристрасност, потенцирајќи дека само доследната примена на законите може да обезбеди правичност и доверба во системот.
Во меѓувреме, директорот на Државниот инспекторат за земјоделство Васе Анакиев беше уапсен во полициска акција под сомнение за примање мито. Според неофицијални информации, тој бил фатен при примање околу 50.000 евра.
Анакиев на функцијата стапил во јули 2024 година. По професија е дипломиран инженер агроном, а има и магистратура по економски науки. Неговата кариера започнала во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство во 2008 година, а во периодот од 2017 до 2021 година бил претседател на Советот на Општина Чешиново-Облешево.
