ССМ повторно на улица на 14 март: Бараат минимална плата од 600 евра

Сојуз на синдикати на Македонија (ССМ) најави нов протест на 14 март, со кој ќе продолжи притисокот за зголемување на платите.

Од ССМ порачуваат дека остануваат на барањето минималната плата да изнесува 600 евра, како и сите останати плати да се зголемат за 100 евра. Според нив, актуелното законско усогласување не ги задоволува потребите на работниците.

Претседателот на Синдикатот на УПОЗ, Трпе Деановски, во изјава за телевизија 24 посочи дека минималните примања се повисоки во јавниот отколку во приватниот сектор и дека токму затоа на претходниот протест имало голема излезност од вработените во јавниот сектор. Очекува таква поддршка и на најавениот протест.

Незадоволството кулминираше откако на седница на Економско-социјален совет било соопштено дека минималната плата ќе се зголеми за околу 1.600 денари согласно мартовското усогласување. По оваа информација, претставниците на ССМ ја напуштија седницата и најавија дека борбата ќе ја продолжат преку протести.

Ова не е прв ваков чекор годинава – ССМ претходно организираше протест и блокади во Скопје, најавувајќи дека ќе продолжи со активности сè додека нивните барања не бидат исполнети.