Македонија

СТАРТУВА НОВАТА УЧЕБНА ГОДИНА: Намален број првачиња, навремени учебници и целосна поддршка за талентираните ученици

СТАРТУВА НОВАТА УЧЕБНА ГОДИНА: Намален број првачиња, навремени учебници и целосна поддршка за талентираните ученици

Со навремено испорачани учебници, нови системски мерки за поддршка на талентираните ученици и реорганизација на училишната мрежа, утре започнува новата учебна година во земјава. Ова на денешната прес-конференција го соопшти министерката за образование, Весна Јаневска.

Учебната година ќе ја започнат вкупно 238 илјади ученици (174 илјади основци и 64 илјади средношколци). Сепак, продолжува трендот на депопулација — во училишните клупи за првпат ќе седнат 14.952 првачиња, што е за дури 3.000 помалку во споредба со минатата година.

Државата и МОН целосно ќе ги покриваат сите трошоци за пат и котизација (колку за учениците, толку и за нивните ментори) за учество на сите меѓународни научни олимпијади и натпревари.

Сите учебници се навремено испорачани во училиштата со заштеда од 50 милиони денари. Обезбедени се целосно нови учебници во полн тираж за 1., 2., 3. и 8. одделение, како и за втора година гимназија.

Поради намалениот број ученици, времено се затвораат 26 подрачни училишта (со што вкупниот број празни објекти достигна 148). Формирани се 433 паралелки помалку (222 во основно и 211 во средно) со цел подобра социјализација и спојување на малобројните класови.

Во 620 од вкупно 1.023 училишни објекти наставата ќе се одвива во една смена. За сите преместени ученици чие ново училиште е пооддалечено од 2,5 километри, обезбеден е превоз.

Ангажирани се вкупно 1.524 образовни асистенти (1.358 во основно и 166 во средно образование), а овозможена е и онлајн настава за децата кои се на подолго домашно или болничко лекување.

Покрај подобрената инфраструктура во 20-ина училишта и спортски сали, министерката подвлече дека образовниот систем конечно е стабилен и подготвен да ги пречека сите ученици.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни