Македонија

Стефан Давидовски: Македонија и македонскиот народ знаат да станат од сите падови

Стефан Давидовски: Македонија и македонскиот народ знаат да станат од сите падови

Естрадниот уметник Стефан Давидовски, кој ја изведе македонската химна, во отвореното студио на 4 ТВ по повод 35 години независност говореше за музиката, македонскиот јазик, неговата нова песна „Ќе станам пак“ и пораката која, како што вели, може да се поврзе и со истрајноста на македонскиот народ.

Давидовски го честиташе 8 Септември на сите граѓани и се заблагодари за можноста да ја изведе химната на Македонија.

Неговата изведба предизвика позитивни реакции на социјалните мрежи, а самиот Давидовски признава дека македонската химна не е едноставна за пеење, особено поради високите тонови.

Но, во разговорот акцентот беше ставен и на неговата нова песна „Ќе станам пак“, со која по кратка пауза се враќа на музичката сцена.

Иако станува збор за љубовна песна, Давидовски смета дека нејзината порака е универзална и може да се поврзе и со Македонија.

„Македонија и македонскиот народ многу често имаат огромни падови, под кои се научиле секогаш да станат и да се исправат“, вели тој.

Според него, токму истрајноста е една од најважните карактеристики на македонскиот народ. Како историски примери ги посочува Илинденците и Асномците, кои, како што вели, успеале повторно да се исправат и да ги постигнат своите цели – создавање независна Република Македонија.

„Ќе станам пак“ затоа, според Давидовски, не е само порака за љубовта, туку порака за секој човек кој доживеал пад и повторно се исправил.

Давидовски во разговорот се осврна и на состојбата со македонската музика и сè поголемото присуство на регионалните музички трендови.

Тој смета дека трендовите се неизбежен дел од музиката, но нагласува дека македонските автори не смеат да ја заборават основата – македонскиот јазик.

„Македонскиот јазик ние мораме да го негуваме, да го чуваме и да твориме на истиот“, вели Давидовски.

Според него, современата музика може да се следи и да се прифаќа, но истовремено е можно да се создава квалитетна музика на македонски јазик која ќе остане слушана и по години.

Давидовски потсетува дека Македонија веќе има голем број песни кои го потврдиле тоа – хитови создадени на македонски јазик кои и денес се слушаат.

Музичарот се осврна и на сè поголемата употреба на вештачката интелигенција во музиката.

Неговиот став е дека технологијата треба да се користи внимателно и паметно – како помош, инспирација или идеја, но не и како замена за вистинското творештво.

„Да послужи како идеја, но во никој случај да се користи како што моментално некаде се користи“, вели тој.

За Давидовски, музиката останува жива материја која се менува со времето, но нејзината суштина треба да остане – квалитетот, авторството и јазикот на кој се создава.

На 35-годишнината од независноста, неговата порака е едноставна: како што човек може да падне и повторно да стане, така и една држава и еден народ можат да продолжат напред, ако не се откажат од себе.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни