Стевче Јакимовски речиси три недели бил хоспитализиран поради здравствени тегоби, а пред два дена е вратен во Казнено-поправната установа Затвор Скопје во Шуто Оризари, потврди за „Скопје1“ директорот на установата, Бобан Утковски.
Според Утковски, на 5 август 2026 година, по претходно пријавени здравствени проблеми, Јакимовски бил префрлен во Клиничката болница „Аџибадем Систина“, каде што му бил обезбеден соодветен медицински третман и грижа. По завршување на болничкиот третман, на 26 август тој бил вратен во КПУ Затвор Скопје.
Директорот не откри детали за дијагнозата или конкретната здравствена состојба, повикувајќи се на доверливоста на медицинските податоци. „Како институција, наша обврска е кон секое лице што се наоѓа во установата да постапуваме одговорно и човечки и, секогаш кога постои медицинска потреба, навремено да обезбедиме соодветна здравствена заштита,“ изјави Утковски, додавајќи дека е постапено согласно надлежностите и медицинските препораки.
Јакимовски е правосилно осуден на една година затвор за незаконска изградба на општинската зграда во Карпош. Во изречената казна ќе му бидат пресметани и петте месеци што ги помина во куќен притвор.