ВМРО-ДПМНЕ со уште една прес конференција денеска, потсети за вработувањето на мајката на Костадин Костадинов во струмичката администрација, без притоа да бидат исполнети критериуми.
„Костадин Костадинов една недела молчи по кој критериум неговата мајка излезе како најкомпетентен кадар од Струмица и струмичко за да биде вработена во Централниот регистар во општината. Молк и од нејзините нови работодавачи. Нема одговор според кои критериуми таа била селектирана на конкурсот, дали немало ниту еден граѓанин во цела Струмица со средно образование кој што би одговорил на потребите на институцијата, па морала токму мајката на Костадинов да биде избрана за тоа работно место?
Владејачката хунта ја полни јавната администрација по теркот „живи луѓе ќе јадеме, ќе смениме се од хигиеничарка до министер“, а потоа вели ќе ја подобри администрацијата, главен носител на пристапувањето кон ЕУ и НАТО. Па, дали вработувањата по партиско роднински клуч, како мајката на Костадинов се тие реформи за европска интеграција? Дали партизацијата, наречена реформа на администрацијата се прават врз квалификации кој има поголеми семејно пријателски врски со врвот на хунтата, и дали тоа е борба против непотизмот?
Повторувам, дали вработувањето на мајката на партискиот портпарол на Зоран Заев е таа европска реформа? Дали за вработување во Централниот регистар во општина Струмица е потребно да се вработи кадар кој зад себе има низа од фирми однесени во стечај? Дали немало ниеден друг пријавен, заинтересиран со завршено средно образование и без искуство, за место со плата од 25.000 денари?“, праша портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ Наум Стоилковски.
