Свет

СТРАШНИ ВИДЕА ОД БАНГЛАДЕШ: Ги погоди циклонот Ситранг, 9 лица загинаа

СТРАШНИ ВИДЕА ОД БАНГЛАДЕШ: Ги погоди циклонот Ситранг, 9 лица загинаа

Најмалку девет лица загинаа откако циклон го погоди брегот на Бангладеш, соопштија денеска властите. Дрвјата и столбовите за струја беа откорнати, а водата ги преплави ниските области откако циклонот наречен Ситранг ја погоди областа во текот на ноќта во понеделникот.

Камрун Нахар од Канцеларијата за управување со катастрофи изјави дека досега девет лица загинале поради циклонот. „Штетата се уште се проценува“, изјави таа за ДПА.

Меѓу загинатите има и 4-годишно дете

Тројца членови на едно семејство, меѓу кои и едно четиригодишно дете, загинаа кога дрво падна врз нивната куќа во Нанголкот во областа Кумили, повеќе од 100 километри југоисточно од главниот град Дака, изјави претставник на локалната власт Раџан Мехбуб.

Две лица загинаа кога врз нив паднаа дрвја во крајбрежната област Боли, изјави Тухидул Ислам, официјален претставник на окружната администрација.

Тој рече дека невремето опустоши огромни полиња со земјоделски култури во областа на островот. Откорнати се многу дрвја и електрични столбови, додаде тој.

Уште една жена починала откако гранка од дрво паднала врз неа во југозападниот кварт Нараилу. Во меѓувреме, еден човек загина во Дака кога врз него се урна ѕид од тули, додека две лица загинаа откако нивниот мал брод се превртел во реката Џамуна во северозападниот округ Сирајгањ, соопштија официјални лица.

Владата евакуираше повеќе од 300.000 жители на крајбрежјето пред циклонот да падне на копно.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни