Македонија

Судење за „Пулс“: Презентирани докази за обезбедувањето „Рубикон“

Судење за „Пулс“: Презентирани докази за обезбедувањето „Рубикон“
ФОТО: Марио Андоновски / 4NEWS.mk

Во судницата во затворскиот комплекс „Идризово“ денеска продолжи судскиот процес за трагичниот пожар во кочанската дискотека „Пулс“, во кој животот го загубија 63 лица, а над 200 беа повредени. Рочиштето беше посветено на изведување материјални докази од страна на Обвинителството.

Обвинителниот тим презентираше документација поврзана со безбедносната агенција „Рубикон Секјурити Солушнс“, која била ангажирана за обезбедување на објектот. Доказите се однесуваа на организацијата на обезбедувањето, плановите за надзор, како и на исполнувањето или непочитувањето на договорните обврски.

Во судницата беше презентирана и дозволата за работа на агенцијата, како и списокот на вработени лица. Според Обвинителството, во „Рубикон“ биле ангажирани Јане Јанчевски, Мартин Георгиев, Лазар Захариев и Стојанчо Димитриев, при што тројца од нив поседувале лиценца за обезбедување, додека Ивица Грозданов работел без соодветна лиценца.

Беа презентирани и фото-документација, како и материјали обезбедени при претрес на просториите на агенцијата и одземена службена документација.

На почетокот на рочиштето, Судот информираше дека одбраната на обвинетите Александар Нацев и Јане Јанчевски поднела приговор за неизведување на докази поврзани со анализа на метаболити во крв и урина, со образложение дека се незаконски и нерелевантни за предметот.

Одбраната на Нацев истакна дека ваквиот доказ навлегува во приватноста на обвинетиот и не е поврзан со настанот, особено имајќи предвид дека анализата била направена три месеци по трагедијата, а тој не бил присутен на местото на пожарот.

Обвинителството, пак, нагласи дека доказите се прибавени со судска наредба и доставени преку ОЈО Скопје до ОЈО Кочани, по што се предложени како дел од доказниот материјал.

Судот одлучи да продолжи со изведување на останатите докази, додека за спорните ќе се произнесе дополнително.

Забелешки на изведените докази даде и обвинетиот Шабан Салиу, поранешен директор на Дирекцијата за заштита и спасување, кој наведе дека од материјалите не произлегува негова одговорност, бидејќи не можел да предвиди трагедија во објектот.

Одбраната на обвинетиот Аднан Џаферовски истакна слични аргументи, наведувајќи дека институцијата немала информации за постоењето на објектот „Пулс“ во спорниот период.

Судењето продолжува со доказна постапка, при што Обвинителството и понатаму изведува материјални докази.

Трагичниот пожар во дискотеката „Пулс“ избувна на 16 март 2025 година за време на настап на групата ДНК и се смета за една од најголемите несреќи во поновата историја на државата.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни