Постои опасност и случајот „ТНТ“ за уривање на комплексот Космос, да се врати од почеток. Првообвинет во овој случај е екс премиерот Никола Груевски. На двајца судии поротници во овој случај, мандатот им истекува на 24 декември годинава и поради тоа судијата Огнен Ставрев, го закажал денешното рочиште за испрашување на обвинетите со предлог на одбраната, да се кажат завршните зборови, и што поскоро да се донесе пресуда, пред можноста предметот да се врати на почеток. Но, адвокатите Даути и Наков не беа присутни на денешното рочиште, поради обврски на други судења, а адвокатот Тасевски, поради укинато полномошно.
Судијата Ставрев, ова го оцени како обид за одолговлекување на предметот и непочитување на судското тело при што тројцата адвокати ги казни со по 2000 евра.
„50 пати се заменија, им дозволив. Кога доаѓа крајот, вие се откажувате, тоа не е во ред, не е праведно. Ова е злоупотреба, обид за одолговлекување на случајот“, вели Огнен Ставрев, судија.
Откако адвокатите на обвинетите не се појавија, судијата Ставрев побара да им се доделат адвокати по службена должност. Но, обвинетиот Тони Трајковски рече дека тоа не е праведно бидејќи адвокатите по службена должност не го знаат случајот и не можат да подготват добра одбрана.
Судијата Огнен Ставрев по секоја цена се обиде да го одржи денешното рочиште за „ТНТ„ па го одложи рочиштето за „Монструм“. Новите адвокати побараа одложување на рочиштето бидејќи предметот е комплициран и не можат да подготват добра одбрана.
„Не е коректно да го претставувам предмет за кој не знам ништо и би сакала да се откаже денешното рочиште со цел разгледување на записниците на предметот“, вели еден од адвокатите.
Според обвинението на СЈО, поради политичка пресметка, обвинетиот Никола Груевски наредил да се урне комплексот Космос, на инвеститорот Фијат Цановски, бидејќи во 2011 година Цановски ја раскина коалицијата со ВМРО-ДПМНЕ. Други обвинети се екс министерот за транспорт и врски, Миле Јанакиевски, екс градоначалникот на општина Гази Баба, Тони Трајковски и други вработени во општината. Бизнисменот, Фијат Цановски, за уривањето на комплексот Космос, од државата бара оштета од 58.8 милиони денари.