Судот го одби спојувањето на предметите за „Пулс“ – одбраната тврди дека нема пристап до сите докази

Судот го одби предлогот на одбраната за спојување на постапката за случајот „Пулс“ со предметот во кој се обвинети полициски службеници.

Судијката образложи дека во другиот предмет има вкупно 25 обвинети и дека една од постапките веќе е во завршна фаза. Според судот, евентуалното спојување би довело до дополнително одолговлекување на двете постапки, што би било спротивно на начелото на економичност и целисходност на кривичната постапка.

Иако одбраната тврди дека станува збор за ист кривично-правен настан, судот оцени дека самиот идентитет на настанот не е доволна основа за спојување, особено бидејќи предметите се водат пред различни одделенија и во обвинителството и во судот.

Адвокатот Шилегов побара судот да донесе посебно решение и да овозможи увид во другите предмети, тврдејќи дека одбраната во моментов нема пристап до сите докази, бидејќи обвинителството, како што рече, ги користи парцијално.