„Судот и обвинителството се претворија во инструмент за пресметка со неистомислениците“, напиша Груевски

Во напишаното на социјалната мрежа „Фејсбук“, експремиерот Никола Груевски напиша дека наместо судството да има унапредување, тоа напротив, има уназадување и дека истиот се претворил во инструмент за политичка уцена и пресметка со политичките неистомисленици.

„Судот и обвинителството се претворија во инструмент за политичка уцена и пресметка со политичките неистомисленици, како и покривање на неработењето на владата.

Се вчитува...

Последните одмазнички притвори на Миле Јанакиески и Кирил Божиновски, кои очигледно се притворени само за владата да ја ублажи критиката по моето заминување од земјата и барање политички азил заради политички прогон, со лажни, фабрикувани и непостоечки докази само ја потврдуваат атмосферата во која денес живее Република Македонија.

Денес во Република Македонија се живее во услови на репресија од страна на владата, дискриминација, прогон, политички апсења и целосна контрола на владата врз судскиот и обвинителниот систем, вадење и ставање во притвор или затвор според политичките прилики и потреби.

Наместо унапредување на судскиот систем, Македонија има уназадување. Судот и обвинителството се користат како политичка алатка на владата заради остварување на своите политички цели и уцени.

Јас одлучив да се спротиставам на сето ова, и со мојот чекор да го издигнам ова прашање на повисоко ниво.

Некој може да ме сака или да не ме сака, да се согласува или да не се согласува со мене, да смета дека водам добри или лоши политики, но неможе да го негира или да ги затвори очите пред она што се случува во Македонија во овој период а кое го опишувам“, напиша Груевски.

Извор: ТВ21