Судот му одреди нов адвокат на Груевски, Албанец ќе го брани екс-премиерот азилант

Адвокатот, Албанец, Мехмет Сефери, доби нова задача во Македонија.Судот му одреди да го брани најбараниот човек во државата, екс-премиерот, Никола Груевски. Тој вели дека задачата ја прифатил по слободна волја и желба.

„Од страна на претседателот на судот, денеска добив задача да бидам службен адвокат ангажиран за случајот ТНТ. Јас лично многу малку сум информиран за случајот, но во идниот период ќе барам од судот да ми ги достави материјалите за случајот“, рече Сефери.

Се вчитува...

Екс-премеирот, Никола Груевски остана без законска одбрана веќе две недели, бидејќи неговиот тим се откажа од задачата. Груевски на 11 ноември избега од државата, а на 13 ноември преку Фејсбук информираше дека е во Будимпешта и дека таму побарал азил.

Неговиот нов адвокат, Мехмет Сефери, вели дека се уште немал никаква комуникација со клиентот кој му го одреди судот.

„Не, не, јас од страна на судот добив одлука и досега немав никаква комуникација“, вели Сефери.

Основен суд Скопје 1, му одреди нова задача на Мехмет Сефери за случајот ТНТ, кој е во врска со уривањето на станбениот и студентски комплекс „Космос“, во сопствеништво на Фијат Цаноски.

Синот на оштетениот, Сефер Цаноски денеска даде исказ во суд. Тој изјави дека наредбата за уривањето на „Космос“ ја дал лично Груевски. Цаноски рече дека за да го спречи уривањето, контактирал и со лидерот на ДУИ, Али Ахмети и со Муса Џафери.

„Пред да доаѓаш, јас се слушнав со Груевски. Уривањето се прави поради тоа што татко ти ја напуштил коалицијата со ВМРО-ДПМНЕ и отишол со СДСМ, а не дошол ниту со ДУИ – рекол Цаноски во суд, дека ова му го рекол Али Ахмети.

Оштетениот Цаноски, пред неколку години случајот го испрати и во Меѓународниот суд за човекови права во Стразбур, каде и ја доби парницата, но Македонија се уште не му исплати оштета.

Екс-премиерот, Груевски, е обвинет од СЈО за уривање на објектот „Космос“ во 2011 година, заедно со екс-министерот за транспорт и врски, Миле Јанакиевски и екс градоначалникот на Гази Баба,Тони Трајковски.

Репортер: Зимер Јашари

Извор: ТВ21