На денешното судско рочиште за трагичниот пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани, директорот на Институтот за судска медицина, Александар Станков, ги презентираше наодите од обдукциите и токсиколошките анализи поврзани со смртта на 63-те жртви од настанот на 16 март 2025 година.
Станков истакна дека кај најголем дел од жртвите, односно кај 59 лица, е утврдено насилно задушување како резултат на комбинирано дејство на труење со јаглероден моноксид, амбиентална и компресивна асфикција, како и термички оштетувања на дишните органи.
Кај преостанатите четири жртви, според наодите, смртта настапила како последица на тешки изгореници и сериозно оштетување на белите дробови.
Директорот појасни дека јаглеродниот моноксид претставува доминантен токсичен фактор при пожари во затворени простории, бидејќи брзо го исполнува просторот и го блокира преносот на кислород во организмот. Дополнително, присуството на други гасови и фактори, како водороден цијанид, чад и висока температура, придонесува за влошување на состојбата, но не се смета за примарна причина за смртта.
Според презентираните резултати, кај 33 жртви е утврдено присуство на цијаниди, кај 49 е регистриран алкохол, кај осум лица дрога, а кај четири седативи или антидепресиви. Сепак, Станков нагласи дека овие супстанции имале споредна улога во однос на труењето со јаглероден моноксид.
Тој додаде дека кај дел од жртвите концентрацијата на карбокси-хемоглобин во крвта надминувала 40 проценти, што укажува на тешко и фатално труење.
Во своето сведочење, вештакот нагласи дека не може да се издвојува само еден фактор на смрт, бидејќи станува збор за комплексна комбинација на гасови, недостаток на кислород, високи температури и механички притисок во услови на паника.
Дополнително беше појаснето дека дел од токсиколошките анализи биле доставени подоцна поради потребното време за нивна обработка, особено за испитување на цијанидите.
Судењето се однесува на пожарот што избувна за време на концерт во дискотеката „Пулс“, при што загинаа 63 лица, а над 200 беа повредени.
