Сугарески: 2019 година ќе биде година на крупни инвестиции во инфрастуктурата

Министерот Сугарески го презентираше предлог буџетот за транспорт и врски за 2019 година Денеска во медија центарот на Владата на Република Македонија, министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески одржа прес-конференција на која го  презентираше Буџетот на Министерството за транспорт и врски за 2019 година.

Вкупниот Буџет на Министерството за транспорт и врски за 2019 година изнесува 7 милијарди 269 милиони и 985 илјади денари. Во делот на капиталните расходи предвидени се средства во висина од 6 милијарди 419 милиони и 925 илјади
денари.

„Реализацијата на капиталните проекти е главен предуслов за економски раст на државата и подобрување на квалитетот на живот на сите граѓани. 2019 година за Република Македонија ќе биде година на крупни капитални инвестиции во патната, железничката и комуналната инфраструктура, како и изградба на гасоводната мрежа“ – истакна министерот Сугарески.

Најголем дел од капиталните расходи се наменети за изградба на Железницата кон Република Бугарија и модернизација на пругата на Коридор 10.

Извор: ТВ21