Со сведочење за начинот на функционирање на општинските инспекциски служби и нивната координација со локалната администрација, денеска во судницата во „Идризово“ продолжи судскиот процес за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани.
На рочиштето сведочеше поранешниот главен секретар на Општина Кочани, Александар Јосифов, кој го опиша организацискиот модел на инспекциските служби во периодот од 2017 до 2021 година, посочувајќи дека иако постоеле повеќе инспекторати, немало назначен раководител.
Тој изјави дека во општината функционирале комунална инспекција, инспекција за животна средина и градежен инспекторат, а подоцна бил вклучен и сообраќаен инспектор, но без централизирано раководење на службите.
Како главен секретар, Јосифов нагласи дека неговата улога била организациска и координациска помош на градоначалникот и секторите, а не директна контрола врз инспекциите.
„Инспекциските служби работеа самостојно, а нашата улога беше повеќе логистичка, на пример обезбедување возила за теренска работа“, рече тој, додавајќи дека налозите за користење службени возила ги потпишувал еднаш неделно.
Сведокот појасни дека во првите години инспекциските служби поднесувале извештаи до Советот на општината, но од 2019 година таа пракса престанала, со образложение за законски измени.
На прашања од одбраната, Јосифов потврди дека општината немала инспектор за противпожарна заштита, објаснувајќи дека таа надлежност не е во општинскиот домен.
Во однос на комуникацијата со инспекторите, тој посочи дека постоела соработка, но исклучиво во насока на оперативна поддршка, како обезбедување механизација или возила, особено при отстранување дивоградби.
„Комуникација имаше, но тоа беше помошна координација, не надзор или контрола“, истакна Јосифов.
Тој додаде дека процесот за уривање дивоградби се спроведувал преку јавни набавки и овластени фирми, но во периодот додека бил во општината таква фирма не била избрана.
На прашања поврзани со работењето на дискотеката „Пулс“, сведокот изјави дека во неговиот мандат не пристигнала ниту една пријава за објектот.
Во текот на распитот, тој потврди дека инспекции и надзори во општината имало редовно, вклучително и контроли од Државниот завод за ревизија, без забележани сериозни неправилности.
Случајот се однесува на пожарот во дискотеката „Пулс“, кој избувна на 16 март 2025 година за време на настап на групата ДНК, кога загинаа 63 лица, а над 200 беа повредени.
Со денешното рочиште продолжи доказната постапка, при што Обвинителството, со тим од 15 јавни обвинители, продолжува со сослушување сведоци.
