Сведок смени исказ за одговорноста на газдата на „Рубикон“ за трагедијата во „Пулс“, ќе му се чита што кажал во истрагата

Со сведочења на нови лица денеска продолжи судската постапка поврзана со трагедијата во импровизираната дискотека „Пулс“, при што вниманието беше насочено кон изјавата на сведокот Трајче Димишковски.

Тој сведочеше дека агенцијата „Рубикон секјурити солушнс“ го обезбедувала објектот, а обезбедувањето дозволило дискотеката да биде преполна на 18 март 2025 година. Според неговото сведочење, биле пуштени голем број малолетници и деца, била употребена пиротехника без дозвола од полицијата, а немало поставени кордони ниту организирана евакуација за време на несреќата. Посочи и дека обезбедувањето работело без униформи и ознаки.

Неговото сведочење се следеше внимателно, бидејќи, како што беше посочено во судницата, тој го сменил исказот даден во истрагата. Во денешната изјава во ниту еден момент не ја спомна улогата на Александар Нацев во агенцијата „Рубикон“.

На почетокот од сведочењето Димишковски изјави дека работел како обезбедување во училишта, а постојано вработување има во Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации како возач.

„Го познавам лицето Александар Нацев од 2008 година, од Дирекцијата каде што работевме заедно. Се познавам и со обвинетиот Јане Начевски, сопственикот на ‘Рубикон’, комшии се со Нацев“, изјави сведокот.

Тој сведочеше со растреперен глас. Според обвинението, Нацев е вистинскиот сопственик на „Рубикон“, која го обезбедувала „Пулс“, додека Начевски е сопственик на хартија.

Димишковски кажа дека бил ангажиран на концерти, како и во дискотеката „Мираж“ во Струмица. На прашање дали имал контакти со Нацев, рече дека од него барал совети и помош околу изготвувањето на платите, бидејќи бил професор и ги познавал законите. По 18 март, како што посочи, бил овластен од „Рубикон“ да ги прави и носи платите за вработените, односно готови вирмани ги носел во банка за да се исплатат.

Неговото сведочење беше прекинато и ќе продолжи во четврток, кога ќе се чита и изјавата што ја дал пред обвинителите по трагедијата во која загинаа 63 млади лица.

Претходно во судот сведочеше и сметководителката Кристина Коневска. Таа изјави дека се познава со сопственикот на „Рубикон“, Јане Јанчевски, и дека сметководствените услуги ги вршела во Прилеп, каде, како што рече, има поевтина работна сила за ваков тип услуги.

На прашање дали го познава Александар Нацев, Коневска одговори дека бил вработен во агенцијата и дека неколкупати комуницирале за одредени обврски. Потврди и дека комуницирале преку службен мејл, преку кој, како вработен во агенцијата, тој испраќал фактури.

На прашање дали Нацев давал насоки за износите што треба да се наплатуваат на фирмите и за платите на вработените, таа одговори дека вработените секогаш биле на минимална плата.

Коневска додаде дека никогаш не била во седиштето на „Рубикон“ во Скопје, а на прашање дали го познава Трајче Димишковски, одговори негативно.

На дополнително прашање кој го презел работењето на правното лице по пожарот, адвокатот приговори дека прашањето е ирелевантно, а судијата го прифати приговорот.

Таа изјави и дека Нацев еднаш бил во бирото во Прилеп и донел документи. На прашање од обвинителството дали во материјалното работење некогаш видела фактура за „МММ Кафе“ ДООЕЛ, односно за „Пулс“, одговори дека не видела таков документ и дека лично не видела доказ за деловна соработка меѓу „Рубикон“ и „Пулс“.

На крајот, на прашање со кое лице од „Пулс“ комуницирале по пожарот, адвокатот повторно приговори, а судијката го прифати приговорот.