Македонија

Сведоштва што откриваат страв и притисоци: Што се случувало во семејството на малата Катја?

Сведоштва што откриваат страв и притисоци: Што се случувало во семејството на малата Катја?

Сведочењата изнесени во судската постапка за трагедијата во скопската населба Тафталиџе, во која животот го загубија малолетната Катја и нејзината мајка Ивана, постепено го откриваат сложениот и загрижувачки контекст во кој живеело семејството.

Според исказот на наставничката, малата Катја во училишната средина не покажувала знаци на вознемиреност или агресија. Таа била опишана како весело и отворено дете, кое лесно комуницирало со соучениците. Нејзините цртежи, особено на темата „Кој сум јас и моето семејство“, биле исполнети со светли бои, насмеани ликови и ведра атмосфера – најчесто со нејзината мајка како централен лик.

Но, зад таа слика, како што посочуваат сведочењата, се криела поинаква реалност. Алармот кај наставничката се вклучил во момент кога, за време на игра во училницата, Катја пресликала сцена на семејно насилство.

„Рече дека кога татко ѝ ја удирал мајка ѝ, таа паѓала“, сведочеше наставничката, додавајќи дека веднаш бил известен училишниот психолог.

Според нејзините наводи, тогаш било утврдено дека родителите на девојчето се разделени и дека Катја живее со мајката. Психологот ѝ укажал на Ивана каде да побара помош во случај на семејно насилство, а наставниот кадар добил насоки внимателно да го следи однесувањето на детето.

Дополнителни детали за состојбата во семејството изнесе братот на Ивана, кој сведочеше дека неговата сестра живеела во постојан страв, под контрола и закани. Според него, комуникацијата ѝ била ограничена, а таа дури и ги прекинала контактите преку социјалните мрежи, плашејќи се од надзор.

„Ми кажуваше дека е контролирана и дека ѝ е страв, особено затоа што имал пиштол и ѝ се заканувал“, рече сведокот.

Тој посочи дека Ивана во еден момент побарала помош од семејството, откривајќи притисоци поврзани со имот, долгови и закани, како и страв за сопствената безбедност и за детето.

Семејството, како што беше наведено, започнало постапка за развод и ангажирало адвокат, откако таа првпат отворено зборувала за проблемите. Сепак, според сведочењето, постоеле сомнежи дека таа под притисок повторно се вратила во заедничкиот дом.

Сведокот изнесе и сериозни обвинувања за закани, вклучително и дека обвинетиот ѝ барал значителна сума пари и ѝ се заканувал со одземање на детето и иселување.

Клучни моменти за последните часови пред трагедијата опиша и сведокот Мартин Саздов. Тој раскажа дека Ивана, заедно со Катја, влегла во станот во Тафталиџе, каде по краток разговор со обвинетиот, решила да остане внатре.

Според неговото сведочење, непосредно пред настанот, Ивана му се јавила на обвинетиот со вклучена камера, држејќи го детето во раце на терасата.

„Сфатив што ќе направи и почнав да викам да не прави глупости, но потоа се слушна силен тресок“, изјави сведокот.

Тој додаде дека по падот, обвинетиот не се упатил кон местото на настанот, туку се оддалечил.

Случајот го води судијата Ивица Стефановски, додека обвинението го застапува обвинителката Адела Бојчевиќ. Судската постапка продолжува со изведување на материјални докази.

Досегашните сведочења создаваат слика за семејство обременето со сериозни конфликти, притисоци и страв, при што институционалната реакција и навремената заштита повторно се отвораат како клучни прашања во јавноста.

Имате вест, приказна или проблем? Пиши ни