Длабокото верување на кривопаланчани во моќта на св. Јоаким Осоговски наоѓа најавтентичен израз во колективната меморија која на пластичен начин од колено на колено регистрирала и зачувала повеќе преданија во кои доаѓаат до израз чудата, исцелителноста и заштитничката моќ. Чудотворното дејство на св. Јоаким Осоговски во повеќето кривопаланечки преданија е поврзано со неговиот манастир, за кој, како што е кажано во житието, тој самиот се грижел. Оттука и преданијата посебно ја афирмираат светителската заштитничка функција врз манастирот, но и пошироко врз Кривопаланечко, со што се потхранува влијанието кај верниците изразено низ психолошкото и моралното воздејство на интерактивната врска на народот со манастирот и народната традиција во Кривопаланечко воспоставува врски на Свети Јоаким Осоговски со Свети Јован Рилски, со Свети Прохор Пчински и со Свети Гаврил Лесновски, која доаѓа до израз и во житието на Свети Јоаким Осоговски, каде што тие се споменуваат како „чесна четворка, богоизбрано друштво, трудољубиви Христови работници, кои излегоа со ралото да направат бразда и да посеат семе духовно и да го дожнеат достасаното класје добродетелен плод на Христа да му принесат. Припадноста на иста вера, на иста идеја, ја поттикнува народната традиција да го прифати тврдењето дека тие биле браќа, испуштајќи ја на моменти духовната врска која е основа за воспоставување на Љаков однос. Најстаро кривопаланечко предание, кое подоцна е пренесено и во други краишта и од разни автори толкувано и како пчинско или лесновско, освен што покажува дека се проширило. Со ништо не ја загубило својата автентичност и изворност. „Четворицата големи сподвижници, браќата Јоаким Осоговски, Прохор Пчински, Јован Рилски и Гаврил Лесновски целосно посветувајќи се на христијанското учење, решиле ова да го остваруваат одделени од светот во една пештера во Лесновската Гора. Речиси триесет години браќата се подвизувале, не потклекнувајќи им на искушенијата.
Откако се разбрало за нив, решиле да се разделат и секој сам да се одаде на испосништво. Се договориле да вечераат и да си легнат. Кој прв ќе се разбуди да појде кај што сака, не кажувајќи им на другите. Прв се разбудил св. Јован Рилски, кој бил и најстар. Тргнал во пат на правец на исток и приквечер стасал на планината Рила, каде што и останал. По него се разбудил св. Прохор Пчински, тргнал на запад и барајќи највисока планина се запрел на Козјак Планина, Свети Јоаким Осоговски отишол на планината Осогово, во месноста Сарандопор, св. Гаврил Лесновски се разбудил последен, видел дека сите заминале, па решил да остане во Лесновската Гора. Кривопаланечките преданија се во тесна врска со житието на св. Јоаким Осоговски, со тоа што цените се дополнуваат и се збогатуваат со мотивски елементи, па дури и се надградуваат. Таков е случајот со преданието што го кажува Протореј – страврофор.
Добрислав Бошковски, архијерејски намесник, во кое е потенцирана заштитната функција на светецот врз својот манастир во турскиот период, за време на патрониот празник на св. Јоаким Осоговски, во манастирот се собрале голем број луѓе по традиција за да му одадат почит на патронот на ова народно светилиште и заштитник на Крива Паланка. Од Крива Паланка кон манастирот со аскер се упатил турскиот паша со цел за да го растури црковно – народниот собор. Во ова не успеал, зашто луѓето дале силен отпор. Револтиран, посегнал по моштите на Свети Јоаким. Само што се спуштил со придружбата во Бабин Дол во местото Крстот (Света Вода), веднаш се фатил, како да го прободел меч. Наредил да се вратат моштите во манастирот. Во истиот момент се почувствувал здрав како ништо да не било. Веднаш потоа напишал писмо до великиот везир во Истанбул и ја опишал непријатната случка, залагајќи се за заштита на ова свето место. Наредбата што стигнала од Истанбул се однесувала на директна заштита на манастирот, со забрана никој да не смее да посегне по неговата светост. Оттогаш е поставен турски знак кај манастирот како сведоштво за овој настан, но и како заштитен знак. Следното предание, иако во дел почива врз фантастичен мотив во суштина ја потврдува моќта на крстот и верата, светецот конечно да дојде до избраното место – Бабин Дол во Осоговската Планина.
Свети Јоаким се доселил првин по долината на Крива Река покрај левиот брег, во месноста каде што денес се ословува како Пашина воденица во с. Кркља. Мислел дека ова треба да му биде избрано место за неговата мисија на подвизување. Арно ама забележал дека тука поминала лисица. Ова ќе биде пат, тука ќе поминуваат луѓе, а јас нема да имам мир, си мислел светецот. Тргнал да бара друго посоодветно место. Се упатил низ течението на Бабин Дол. Тогаш пред него се појавил нечестивиот во облик на змеј. Светецот не се престрашил. Со крстот в раце тргнал напред. Змејот буквално се распрснал пред силата на крстот. Ова место и ден-денешен се вика Крст. Тука веднаш се појавил извор на света вода, која е лечебна и не пресушила до ден-денес полни десет века. Во блиската околина на Крстот, Свети Јоаким ја пронашол пештерата во која во мир долги години се подвизувал живеејќи испоснички живот со вера и љубов во Бога. Во преданието се кажува како месноста во која се подвизувал св. Јоаким Осоговски го добила името Бабин Дол.
Разбрале Турците по освојувањето на овие простори за силата на св. Јоаким Осоговски и за големото влијание што го остварил врз месното население во Кривопаланечко, а тоа не им се допаднало. Сакале да го пронајдат манастирот во секоја цена и да ги застрашат калуѓерите за да не го шират влијанието на светецот. Никој не им кажувал каде се наоѓа манастирот. Недалеку од Крива Паланка на исток, сретнале една баба, се посомневале во неа и ја распрашувале за манастирот. Откако не добиле никаков одговор, ја врзале и ја мачеле, по што таа им рекла да ги следат гуските и шатките што од Крива Река се враќале и угоре низ потокот и ги проколнала Бог да им плати за злоделата.
Така Турците ги откриле испосничките ќелии на осоговските калуѓери во месноста Царски Двори (денес остатоци – ѕидини над Крстот), ги убиле калуѓерите и разурнале дел од манастирот мислејќи дека со тоа ќе го уништат ова народно светилиште, а со тоа и верувањето на светителската моќ на свети Јоаким. По ова манастирот уште повеќе зајакнал, а калуѓерите десет века гордо му служат на свети Јоаким и на Бога.
По таа случка, месното население овој дол го нарекол Проклет Бабин Дол, а потоа името се трансформирало во Бабин Дол.
Следното предание исто така кореспондира со житието. Во него се содржани два мотива. Едниот се однесува на изборот на свети Јоаким Осоговски на местото за градба на манастирот, а вториот ја потврдува исцелителната моќ на светецот.
Кривопаланчани решиле на својот светец и заштитник да му изградат манастир. Меѓутоа, никако не можеле да се решат за местото на изградба. На неколку чесни луѓе светецот им се јавил на сон и им рекол дека тој го фрлил својот испоснички стап во близина на пештерата во која се подвизувал. Таму каде што ќе го најдат стапот – да го изградат манастирот. Местото не било погодно за градба. Настанало разочарување. Светецот повторно им се јавил на сон и посочил попристапно место, она на кое денес е изграден манастирот.
На местото каде што бил пронајден испосничкиот стап на светецот, бликнал извор со исцелителни и лечебни својства, кој не пресушил до денес.
Народното предание го опишува патешествието на Свети Јоаким Осоговски од Лесновската Гора до месноста Градец во Кривопаланечко.
На својот пат од Лесновската Гора кон Осоговието, Свети Јоаким се задржал во село Баштево (Кривопаланечко). Местото му се допаднало и тој ноќевал тука. Арно ама, утредента забележал дека тука поминал волк. „Штом минуваат волци нема да имам мир и ова место не е за мене”, си рекол. Така, светецот го продолжил патот и истиот ден пристигнал во селото Градец, влегол во црквата и во себе ја почувствувал силата на провидението. Веќе со сигурност знаел дека целта е тука пред него и дека наскоро ќе го најде посакуваното место за подвизување.
Во ова предание се потенцира духовната мисија на пустиножителите св. Јоаким, св. Прохор и св. Гаврил Лесновски. Во него доаѓа до израз духовната сила и заштитничката моќ на св. Јоаким врз својот манастир, онака како што е запишано и во неговото житие, односно дека тој самиот ќе се грижи за него.
„Биле три брата, много одадени на Бога, ама и надарени. Живеале у една густа гора сами, одвоени од светот. Имале виедение на с’н. Јавил им се севишниот и ги упутил што да прават и чинат. По видението, им било јасно дека се задужени да работат на просветата на својот народ. Решиле што требе да прават и пошле на три страни. Свети Јоаким дошол у Осоговието, Прохор Пчињски у Пчиња, а Гаврил у Лесново. Така никнале манастирите и станале просветни центри. У турско време турски паша решил да се подигра с’с моштите на Свети Јоаким и да ги однесе. Арно ама к’д дошол до изворот на Света Вода целиот се укочил. Светијата му помогнал и га опоменал дека с’с моштите и манастирот никој не може да се подиграва. Пашата се вратил назад с’с војската и наредил да не се пипа ништо што е манастирско”. (Забележано на изворен кривопаланечки дијалект, Ј. М.)
За едно од покарактеристичните преданија се смета преданието од с. Градец. Селото Градец е едно од најзначајните месности од средновековната кривопаланечка историја, средновековна населба од која болјарот управувал со целата жупа. Градец била најзначајната попатна станица на свети Јоаким Осоговски пред да дојде во Осоговието.
Во селото Градец, од долните краишта, на магаре пристигнал еден старец. За својата испосничка мисија одбрал едно место во денешното маало Петковци, на врвот на селото. Тоа било една пештера во која се влегувало на колена. Во карпите издлабил место и за своето магаре. Трага од копито и ден-денешен постои издлабена во една карпа до пештерата. Разбрало месното население за старецот. Тој, за да може во мир да му се посветува на Бога, се повлекувал дење во длабоките шуми кон село Баштево а навечер се враќал на ноќевање во пештерата. Минувало низ овие простори некое воинствено племе, а старецот почувствувал дека подвизувањето му е нарушено. Зел лак и стрела, па стрелата ја исфрлил високо во небесата. Стрелата паднала далеку на исток. Старецот ја пронашол во месноста Бабин Дол. Местото многу му се допаднало и решил тука да остане. Така и било, таму останал до крајот на својот живот.
Ова предание се надополнува со она според кое Свети Јоаким, пред да пристигне во с. Градец, божем кратко време живеел и во с. Мартиница.
Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски заедно со граѓаните верници, како што напиша на неговиот фејсбук профил, присуствувал на Света Божествена Литургија во манастирот „Св. Јоаким Осоговски”, по повод празникот на чудотворецот кој е патрон на манастирот и светец-закрилник на Крива Паланка.
– Свети Јоаким Осоговски бил светител и Божји угодник, кој не бил само човек кој правел подвизи и дал пример само за тоа време, туку подвизи за пример за сите генерации, за тоа како се живее со очистено срце и просветлен ум, на еден повисок духовен степен. Во име на подвизите на овој голем светец, на сите православни верници им посакувам добро здравје и духовен мир. Нека е за честит и за многу години празникот на Св. Јоаким Осоговски!, објави министерот Спасовски на Фејсбук.