Балкан

Свлечиште го парализира сообраќајот на правецот Либражд – Прењас, во прекин и транзитот кон Македонија

Свлечиште го парализира сообраќајот на правецот Либражд – Прењас, во прекин и транзитот кон Македонија

Блокадата на патниот правец Либражд – Прењас поради големо свлечиште продолжува да создава сериозни проблеми во сообраќајот кон југоисточна Албанија, при што е нарушен и граничниот транзит со Македонија.

Според информациите објавени во албанските медиуми, поради уништување на дел од коловозот на делницата Ќафасан – Елбасан, како и поради значително оштетување и поместување на мост кај Прењас, сообраќајот е целосно во прекин. Десетици товарни возила остануваат заглавени и чекаат со денови за да ја преминат границата.

За патничките моторни возила се препорачува користење на алтернативни, споредни патишта, но со зголемена внимателност поради отежнати услови за движење.

Надлежните служби, во координација со институциите од соседните земји, разгледуваат можности за пренасочување на товарниот сообраќај преку граничниот премин „Блато“ кај Дебар, како и преку преминот „Какавија“ со Грција, со цел да се овозможи проток на стоки и да се намалат економските штети.

Албанската агенција за патишта соопшти дека првичните проценки укажуваат на потреба од изградба на нов мост, како и посеопфатна санација на оштетениот коловоз, што подразбира подолг временски период за целосно нормализирање на сообраќајот.

Додека институциите ја посочуваат како причина обилната количина врнежи, опозицијата обвинува за неквалитетна изведба на работите на делницата која е дел од Коридорот VIII, наведувајќи сомнежи за коруптивни тендерски постапки.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни