Необичната епидемија на мајмунски сипаници не значи дека луѓето треба да ги избегнуваат парадите на гордоста на ЛГБТИ заедниците ова лето, изјави во понеделникот експерт на Светската здравствена организација (СЗО), додавајќи дека е важно да се покаже поддршка.
Заразната болест, која може да предизвика симптоми слични на грип и кожни лезии, досега главно се проширила на мажите кои имаат секс со мажи . Здравствените власти нагласија дека болеста може да се пренесе на секој кој има близок контакт, како што е контакт кожа на кожа, со заразено лице.
„Повеќето од овие настани се на отворено. Не гледаме вистинска причина да се грижиме за зголемената веројатност за пренесување во овие услови“, изјави за Ројтерс Енди Сил, советник за стратегија во Програмата за сексуално преносливи инфекции на СЗО.
Тој посочи дека главните гнезда на зарази досега се поврзани со затворени простори како што се ноќните клубови.
Некои од најголемите паради во светот се веќе закажани за 26 јуни во Њујорк и 23 јули во Берлин.
Друг официјален претставник на СЗО рече дека појавата на мајмунски сипаници надвор од Африка веројатно нема да доведе до пандемија, додавајќи дека останува нејасно дали заразените луѓе кои не покажале никакви симптоми можат да ја пренесат болеста.
Повеќе од 300 сомнителни и потврдени случаи на мајмунски сипаници беа пријавени во мај, главно во Европа.