Светската здравствена организација (СЗО) соопшти дека три лица починале, а уште три се заразени во сомнителна појава на хантавирус на мал крузер што пловел низ Атлантскиот Океан.
Според информациите објавени од СЗО, еден од пациентите се наоѓа на интензивна нега во Јужна Африка. Холандското Министерство за надворешни работи потврди дека две од жртвите се холандски државјани.
Хантавирусот кај луѓето може да предизвика треска и сериозни респираторни заболувања. Најчесто се пренесува преку контакт со урина, измет или плунка од заразени глодари, додека преносот од човек на човек е редок.
Досега еден случај е лабораториски потврден, а останатите инфекции сè уште се водат како сомнителни. СЗО информира дека сите патници и членови на екипажот добиваат медицинска помош, додека паралелно се спроведува детална епидемиолошка истрага.
Според Би-Би-Си, станува збор за бродот „Hondius“, управуван од холандската компанија „Oceanwide Expeditions“, кој има капацитет за 170 патници и околу 70 членови на екипажот.
Податоците за следење покажуваат дека бродот испловил од Ушуаја, во јужна Аргентина, а последната регистрирана позиција му била кај Зеленортските Острови, во близина на крајната дестинација.
