Македонија

Таравари: Алијансата за Албанците може да коалицира со ВМРО-ДПМНЕ, но и со СДСМ

За Алијансата на Албанците можна е и предизборна коалиција со ВМРО-ДПМНЕ, но и со СДСМ најави гостиварскиот градоначалник, Арбен Таравари. За тоа дали тој ќе се бори за нов мандат изјави дека ќе одлучат партиските тела, но додаде дека има големи шанси тој да биде кандидат на АА за Гостивар.Таравари најави дека изборот на кандидати за локалните избори во октомври во коалицијата Алијанса за Албанците и Алтернатива ќе почне на 15 јули, а на 15 август ќе бидат објавени кандидатите за сите општини каде ќе се натпреварува оваа коалиција. 

– Апсолутно ќе имаме коалиции. На локални избори победуваат оние кои имаат најмногу коалиции со разни партии. Ќе видиме по структурата на население во општините, така и ќе постапуваме. Најверојатно во Гостивар ќе се обидеме да направиме коалиција и со македонска партија, со две-три кои функционираат, со турски партии, ромски партии… Ќе се обидеме да соработуваме со сите партии, бидејќи овде не се гласа за партија, туку за личност – изјави Таравари.

Тој посочи дека за Алијансата за Албанците коалиции се можни со сите партии, вклучувајќи ги и СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ.

Партискиот генерален секретар рече и дека Алијансата засега нема став за резолуцијата која ВМРО-ДПМНЕ планира да ја поднесе во Собранието во врска со „црвените линии” за преговорите со Бугарија, најавувајќи дека партијата утре или задутре ќе излезе со конечен став дали ќе ја поддржи најавената резолуција.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни