Дваесет лица се лишени од слобода во текот на викендот во рамки на засилените полициски активности против недозволената трговија со наркотична дрога. Од 2 до 4 октомври, припадници на Министерството за внатрешни работи преку координирани активности на Работниот тим – Task Force постапувале во 13 случаи на подрачјето на повеќе Сектори за внатрешни работи и Регионални центри за гранични работи.
При спроведените контроли и претреси на лица, возила, домови и други простории била пронајдена и одземена поголема количина наркотична дрога. Меѓу лишените од слобода има и двајца странски државјани, од Полска и Чешка.
На подрачјето на СВР Струмица, во еден од случаите полицијата пронашла и одзела 59 стебла марихуана со вкупна тежина од околу 680 килограми. Во друг случај бил пронајден и одземен голем патнички куфер полн со марихуана.
Во СВР Скопје, при претреси на три локации што ги користело едно лице, биле одземени осум кеси со околу 800 грама марихуана. Лицето било лишено од слобода.
На подрачјето на СВР Велес, при претрес на дом и преглед на лице, биле пронајдени 29 помали кеси со вкупно 15 грама кокаин, 14 грама кафеавкаста материја и околу 5.000 евра.
Дополнително, во рамки на активностите на Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал биле извршени претреси на четири локации. Во акцијата биле лишени од слобода две лица, а биле пронајдени и одземени околу 200 грама кокаин, 505 милилитри масло од хашиш и 4,58 грама марихуана.
Од МВР информираат дека за преземените активности ќе следуваат соодветни кривични пријави.
Полициските активности, како што посочуваат од Министерството, се дел од засиленото постапување против лицата и криминалните структури инволвирани во производство и недозволена трговија со наркотични дроги.
Од МВР најавуваат дека продолжуваат со засилени активности за сузбивање на недозволената трговија со дрога и откривање на лицата инволвирани во овој вид криминал.