Управата за јавни приходи (УЈП) предупреди дека во текот на денот до граѓаните пристигнуваат лажни SMS пораки испратени во нејзино име.
Во пораките се наведува дека „статутот“ на сметката за социјално осигурување е „абнормален“, а граѓаните се повикуваат што поскоро да го „решат проблемот“. Пораката содржи и линк.
Од УЈП апелираат граѓаните да не го отвораат линкот и да не внесуваат лични, банкарски или други чувствителни податоци доколку ја добијат ваквата порака.
„Станува збор за порака која може да биде обид за измама и злоупотреба на лични и финансиски податоци“, предупредуваат од Управата.
Граѓаните се повикуваат сите информации поврзани со УЈП да ги проверуваат исклучиво преку официјалните канали на институцијата – веб-страницата ujp.gov.mk, официјалните е-услуги и официјално објавените контакт-адреси и телефонски броеви.
За дополнителни информации, УЈП ги наведува следните контакти:
- Е-пошта: info@ujp.gov.mk
- Инфо центар: 0800 33 000 (само од фиксни оператори)
- Телефон: 02 3253 200
Од УЈП дополнително апелираат граѓаните да не кликаат на линкови од сомнителни SMS пораки и да не споделуваат податоци од личните и банкарските сметки.
Институцијата ги повикува граѓаните да го споделат предупредувањето со своите блиски со цел да се спречат можни злоупотреби.