Тејлор Свифт и Тревис Келс се верија

Врската на Тејлор Свифт и Тревис Келси од „толку средношколска“ преминува во официјално – свадба.

Двојката во вторникот објави дека се свршени преку истовремени објави на Инстаграм, со опис: „Вашата професорка по англиски и вашиот професор по физичко се венчаваат.“

Објавата вклучуваше пет фотографии на кои парот се прегрнува во цветна атмосфера, со крупен кадар од прстенот на Свифт – блескав дијамант со „cushion cut“ форма на златна подлога – и друга фотографија на која Келси клечи на едно колено.

Веста доаѓа откако Свифт гостуваше на подкастот на Келси „New Heights“ порано овој месец, каде што љубовта меѓу нив двајцата беше очигледна.

Почеток со „метал“ потег

Нивната речиси двегодишна врска започна во септември 2023 година, кога Свифт за првпат се појави на натпревар на Канзас Сити Чифс, НФЛ тимот во кој игра Келси, за да му даде поддршка.

Сè почнало со нараквица со бројот на Келси.

За време на една епизода на неговиот подкаст „New Heights“ во 2023 година, Келси призна дека се обидел да ѝ ја подари нараквицата на Свифт на еден од нејзините концерти од „Eras Tour“. Свифт, пак, во интервју за списанието Time истата година рече дека тој потег бил „металски до коска“.

Набрзо по тоа, тие почнале тајно да се гледаат подолг период, за што Свифт вели: „Сум благодарна што никој не знаеше, бидејќи имавме време да се запознаеме.“

„Кога отидов на тој прв натпревар,“ додаде таа, „веќе бевме пар.“

Од тогаш, нивната приказна личи на романтична комедија – со сцени во живо, како бакнежот на теренот по победата на Чифс на Супербоул 2024 или појавувањето на Келси на сцената за време на концертот на Свифт во Лондон.

Супербоулови и „зелено знаме“

Иако главно се држеа подалеку од социјалните мрежи, сепак неколку објави станаа вирални и открија дел од нивната врска.

Во 2024 година, Свифт објави фотографија со Келси кога се сретнаа со принцот Вилијам и неговите три деца на нејзиниот концерт во Лондон. Во јули, Келси објави серија фотографии од нивното лето поминато заедно во неговата пауза од сезоната. Тоа беа првите објави на Инстаграм каде што тие официјално се појавија еден со друг.

Љубопитноста околу врската меѓу Свифт и трикратниот шампион на Супербоул уште од почетокот го фасцинираше светот, а и самите тие тоа јавно го признаа.

„Кога велиш дека врската е јавна, тоа значи дека ќе одам да го гледам како прави нешто што сака, ние сме тука еден за друг, има и други луѓе околу нас, и не ни е гајле,“ рече Свифт за Time. „Само сме горди еден на друг.“

Келси пак изјави во 2024 година на подкастот „Bussin with the Boys“: „Може да биде лудо за некој со толку многу внимание, но таа секогаш останува смирена и приземна, и тоа навистина го почитувам. Почнав вистински да паѓам по неа поради тоа колку е искрена со пријателите и семејството.“

Во последната епизода на „New Heights“, Келси откри дека токму „Eras Tour“ на Свифт ја запалила нивната љубов. „Да не бев на тој концерт, да не бев маѓепсан и фасциниран, и да не заминав со толку силна желба да те запознаам, немаше ни да седнам овде и да им кажам на сите колку сум разочаран што не успеав да ти ја предадам нараквицата. Никогаш не сум бил толку обземен од љубопитност за некоја личност,“ рече тој.

Свифт воздивна „ааа“ и додаде: „Тоа е навистина прекрасно.“

Таа, исто така, откри дека „зеленото знаме“ кое го препознала кај него уште на почеток било неговата способност да одржува пријателства и неговата „лојалност“.