Македонија

Телевизиите во Македонија најважните спортски натпревари ќе мора да ги емитуваат бесплатно

Телевизиите во Македонија најважните спортски натпревари ќе мора да ги емитуваат бесплатно

Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги донесе нова одлука со која се утврдува листа на настани од големо значење за јавноста во Северна Македонија.

Според одлуката, меѓу настаните што треба да бидат достапни за граѓаните се летните и зимските Олимписки игри, Параолимписките игри и Олимпијадата за глуви лица.

На листата се и натпреварите од светските и европските првенства во атлетика, фудбал, кошарка, одбојка и ракомет, како и натпреварите на македонските репрезентации.

Опфатени се и натпреварите од Лигата на шампиони, Лигата Европа и Конференциската лига, особено кога во нив настапуваат клубови од Северна Македонија.

Според одлуката, овие настани треба да се емитуваат во живо и во целост, а доколку повеќе настани се одржуваат истовремено, радиодифузерите ќе можат дел од нив да ги емитуваат одложено. Одложеното емитување не смее да биде подоцна од 24 часа по завршувањето на настанот.

Правото да ги емитуваат настаните ќе го имаат радиодифузери кои исполнуваат одредени услови, меѓу кои покриеност со сигнал од најмалку 80 проценти од населението, бесплатен и некодиран пристап до програмата и емитување на македонски јазик.

Со новата одлука престанува да важи листата од 2015 година, а одлуката ќе стапи во сила еден ден по објавувањето во „Службен весник“.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни