Спасувачките екипи рано утринава извадија тело на дете од урнатините на станбена зграда во украинскиот град Криви Рих, кој беше погоден по руски ракетен напад, јави Асошиетед прес. Ракетата била една од вкупно 16-те кои, според украинските власти, успеале да ја совладаат украинската противвоздушна одбрана во уште еден руски напад врз енергетскиот систем на Украина.
Вкупно, според Украина, вчера биле истрелани 76 ракети.
ген. Валентин Резниченко од областа Днепропетровск, каде се наоѓа Криви Рих, на социјалната мрежа Телеграм напиша дека загинатото момче има една и пол година и додаде дека во нападот има четири жртви и 13 повредени, меѓу кои и четири деца. Жртвите се „64-годишна жена и младо семејство со млад син“, напиша тој.
Резниченко додаде дека во текот на ноќта руските сили продолжиле со гранатирањето, оштетувајќи ги далноводите и станбените куќи во градовите Никопол, Марганец и Красногригоровка, кои се наоѓаат од другата страна на реката Днепар, спроти нуклеарната централа Запорожје, окупирана од Русија.
Украинската команда извести дека до утринава бројот на руски проектили истрелани врз енергетската инфраструктура на Украина достигнал 98. Не се наведува колку од нив биле соборени од украинската воздушна одбрана.
Во вчерашните напади, кои беа извршени во многу делови на централна, источна и јужна Украина, беше извршен еден од најголемите воздушни напади досега врз главниот град Киев. Според властите, вчера врз градот биле истрелани околу 40 ракети, а системите за противвоздушна одбрана собориле 37 од нив.
Екипи на итната помош работат на санирање на штетите на електричната и водоводната мрежа. Градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко, утринава објави дека е обновено снабдувањето со електрична енергија и вода за две третини од домаќинствата во Киев. Со работа продолжи и метрото, откако вчера беше користено како засолниште за бомби.
Синоќа градоначалникот на Кривји Рих, Олександр Вилкул, објави дека се спасени 596 рудари кои беа заробени под земја поради ракетните напади.
36-годишен маж кој се наоѓал во својот автомобил е убиен денеска од руско гранатирање на јужниот украински град Керсон, објави Ројтерс, повикувајќи се на објава во Телеграма на регионалниот гувернер Јарослав Јанушевич. Тој објави дека руските сили ги гранатираат западните области на градот со артилерија и ракети. Повредена е 70-годишна жена.