Општина Пустец нема да биде скратена со новата реформа за територијална поделба во Албанија, потврди поранешниот градоначалник и граѓански активист Едмонд Темелко на традиционалното одбележување на Денот на независноста во Штип, организирано од Здружението на Македонците од Егејскиот дел на Македонија „Мирка Гинова“.
Иако предлогот предвидува намалување на бројот на општини во Албанија од 61 на 46, Пустец останува посебна општина и во предлогот на владејачкото мнозинство и кај опозицијата.
Најважно за македонската заедница е што Општина Пустец го задржува својот статус и не се доведува во ризик нејзината поставеност како македонска општина.
Иако барањето за формирање посебни општини во Голо Брдо и Гора не било прифатено, борбата продолжува со цел Македонците во овие области да ги добијат сите права што ги имаат жителите на Пустец.
Во Пустец македонскиот јазик и кирилското писмо се изучуваат во училиштата, додека во Голо Брдо, Гора и поголемите градови (Корча, Поградец, Елбасан) традицијата и јазикот се чуваат само преку предание во семејствата.
Темелко изрази надеж дека согласно донесениот закон за заштита на малцинствата во Албанија, во иднина ќе се овозможи изучување на македонскиот јазик и писмо во сите средини каде што има значителен број македонски деца.