Регулаторот на Европската Унија во вторник ја обвини кинеската платформа за онлајн купување Тему дека не презела доволно чекори за да спречи продажба на нелегални производи на нејзината платформа.
Прелиминарните наоди следат по истрагата што ја започна Европската комисија минатата година според Законот за дигитални услуги (DSA), кој поставува построги правила за онлајн платформите за зголемување на безбедноста на корисниците на интернет, со можност за големи казни за прекршоци, објави АП.
Европската комисија, извршната власт на ЕУ, изјави дека истрагата покажала дека постои „висок ризик потрошувачите од ЕУ да дојдат во контакт со нелегални производи“ на веб-страницата на Тему.
За време на операцијата „тајно купување“, истражителите откриле производи што не ги исполнуваат законските стандарди, вклучувајќи играчки за бебиња и мали електронски уреди.
Тему во кратка изјава изјави дека „ќе продолжи целосно да соработува со Комисијата“.
При започнувањето на истрагата, регулаторите на ЕУ изјавија дека ќе испитаат дали Тему презема доволно мерки против „недоверливите трговци“ кои продаваат несоодветни производи и кои брзо се враќаат на платформата дури и по суспензијата.
Прелиминарните наоди укажуваат дека Тему можеби користел „несоодветни мерки за ублажување на ризикот“ бидејќи се потпирал на „непрецизни“ проценки на ризикот врз основа на општи податоци од индустријата, а не на специфични информации од сопствената платформа.
Тему, во сопственост на Пиндуодуо Инк., има околу 92 милиони корисници во ЕУ.
На компанијата ќе ѝ се даде можност да ги разгледа документите од истрагата и да одговори на обвинувањата пред Комисијата да донесе конечна одлука.