Тепани и неухранети коњи влечат запрежни коли низ улиците, а газдите ниту имаат возачка ниту плаќаат казни

Пред точно една година претседателот на Германија, Франк-Валтер Штајнмајер, престојуваше во официјална посета на Македонија. На патот кон Владата, на раскрсницата кај „Мавровка“, колоната автомобили кои ги чекаа дипломатскиот конвој, ја предводеше запрежна кола.

Во Скопје тоа е секојдневие на врелиот асфалт, изнемоштени и неухранети коњи и мазги влечат запрежни коли натоварени со дрва или отпад кој тежи околу еден тон.

Иако со закон е забрането запрежни коли да сообраќаат по главните коловози, сопствениците на ваквите превозни средства сѐ уште се активни на македонските патишта.

Возачите сметаат дека овие возила прават сериозни проблеми во сообраќајот затоа што не се обележани, немаат светлосна сигнализација, ништо што би ги предупредило возачите дали запрежната кола пред кочи или врти лево или десно.

Овие возила не само што го забавуваат сообраќајот, туку и го загрозуваат приклучувајќи се на главни раскрсници и булевари без предупредување, возат и дење и ноќе. Голем е ризикот коњите лесно да се исплашат и да предизвикаат катастрофални несреќи со кобни последици.

– Мислам дека најголем проблем е кога возат помеѓу две населени места. Еве да земеме пример од Петровец до Катланово по стариот пат. Овој пат не е осветлен, се вози 80 км/ч и со таа брзина лесно може да се удрите во натоварена запрежна кола пред вас бидејќи нема никаква светлосна сигнализација и може да се забележи како возило кога ќе се доближите зад неа, а тоа некогаш е и предоцна за реакција. Во градовите не почитуваат семафори, возат по пешачки премини и велосипедски патеки – вели возач кој секојдневно патува од Катланово низ Петровец до Скопје.

Реакциите од граѓаните се жестоки и најчесто се реагира на нехуманиот третман на животните, а помалку за загрозувањето на безбедноста во сообраќајот:

„Секојдневие на врелиот асфалт, изнемоштени, неухранети ненапоени коњи влечат запрежни коли по најголеми жештини..или на газдите да им се каже дека треба хуманост и грижа или да им се одземат..во спротивно кутрите животни вака ке паѓаат и умираат!!!
Под итно да се превземе нешто!!

“Не регистриран автомобил не може да учествува во сообраќај и следи драконска казна на возачот за учество во сообраќајот со такво возило ама нерегистрирани, неисправни и без никаква светлосна сигнализација трактори, мопеди со приколка, или запрежни коли може, се движат слободно по улиците и магистралните патишта, поминуваат поред полиција и никому ништо! Ова кај нас во оваа северна вуко…… за жал е нормално т.е. ненормално е нормално!“, се некои од реакциите за запрежните коли како учесници во сообраќајот.

Граѓаните велат дека кога веќе се вози запрежна кола влечена од коњ, треба да се знаат основните правила и прописи, а тие се многу јасни.

„По автопат, експресен пат и на пат резервиран за сообраќај на моторни возила, не смеат да се движат пешаци, велосипеди, мобилни машини, мотокултиватори, трактори, запрежни возила и добиток, ниту возила кои според одредбите на овој закон не се сметаат за моторни возила“, стои во Законот за безбедност на сообраќај на патиштата.

Уште поголем проблем е што животните се плашат од големата бучава и нивното однесување. Бидејќи се работи за крупни животни, тешко е да се контролираат. Проблем за граѓаните е и изметот од коњите, посебно во летниот период кога мирисот на улиците е ужасен.

Се поставува и прашањето за хуманиот третман на животните бидејќи тие речиси секогаш се жртви на тепање од сопствениците, што комбинирано со влечењето на товар и неухранетоста резултирало со колабирани коњи по улиците.