Тетово прогласи ден на жалост по смртта на Шпат Касапи

Општина Тетово соопшти дека на вонредна седница, одржана преку видео-конференциска врска, Советот донел одлука понеделник, 1 декември 2025 година, да биде прогласен за ден на жалост поради смртта на пејачот Шпат Касапи. Денот на жалост ќе важи на целата територија на општината.

Во одлуката се наведува дека Шпат Касапи оставил значаен белег во развојот на културниот и музичкиот живот во Тетово, во Северна Македонија, како и на албанската музичка сцена. На институциите, правните субјекти и граѓаните им се препорачува во денот на жалост да се воздржат од свечености, забавни активности и музички настани.

Шпат Касапи почина на 26 ноември на 40-годишна возраст. Неговиот погреб беше одржан во недела, на 30 ноември, на гробиштата на Исламската верска заедница во Тетово.