Македонија

ТИТАН Усје: Јавниот дијалог со сите засегнати страни е важен дел од процесот за продолжување на А-интегрираната еколошка дозвола

ТИТАН Усје: Јавниот дијалог со сите засегнати страни е важен дел од процесот за продолжување на А-интегрираната еколошка дозвола

Денеска, во рамките на законската постапка, се одржа јавна расправа за продолжување на А-интегрираната еколошка дозвола на ТИТАН Усје. На расправата компанијата ги презентираше информациите за своето работење, примената на најдобрите достапни практики и активностите што ги презема за заштита на животната средина.

Јавната расправа е значаен дел од законската процедура и можност сите заинтересирани страни да ги изнесат своите ставови, прашања и забелешки. ТИТАН Усје го поздравува учеството на јавноста и смета дека аргументираниот дијалог и размената на информации се најдобар пристап за градење доверба.

Во март годинава ТИТАН Усје до Министерството за животна средина и просторно планирање поднесе апликација за продолжување на А-интегрираната еколошка дозвола, во согласност со важечките закони и подзаконски акти. Компанијата доследно, навремено и транспарентно ги спроведе сите постапки предвидени со процедурата, а апликацијата е јавно достапна на увид за сите заинтересирани страни.

Како дополнителен чекор кон поголема транспарентност, компанијата го активира новиот портал за животна средина, преку кој јавноста ќе има пристап до дневни податоци од независен 24-часовен мониторинг на емисиите, информации за еколошките активности, инвестициите и други релевантни документи. Порталот овозможува и директна комуникација со компанијата, со можност за поставување прашања и добивање дополнителни информации.

Како прва компанија во Скопје што доби А-интегрирана еколошка дозвола и една од првите во државата, ТИТАН Усје ја потврди определбата за примена на највисоки стандарди во индустријата. Компанијата е во континуиран инвестициски циклус за модернизација и унапредување на процесите и во иднина ќе продолжи со инвестиции за намалување на влијанијата врз животната средина и одржување отворена комуникација со сите засегнати страни.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни