ТИТАН Усје: Неоснованите напади само кон една компанија се неразбирливи – фабриката не работи, а загадувањето е високо

Компанијата ТИТАН Усје денеска излезе со остра реакција против, како што велат, неоснованите и тенденциозни напади дека тие се виновниците за енормното загадување во Скопје. Од цементарницата приложија конкретни докази – иако нивните печки се исклучени поради ремонт, загадувањето во градот деновиве урива рекорди.

Од компанијата прашуваат зошто јавноста и поединци упорно го вперуваат прстот само кон една компанија која работи законски, додека вистинските причини за загадувањето се игнорираат.

Се вчитува...

Фабриката е затворена, а ПМ честичките „дивеат“

Клучниот аргумент на ТИТАН Усје лежи во фактот што фабриката моментално воопшто не произведува, а воздухот е токсичен.

  • Печка 1: Не работи од 20.12.2025 година.
  • Печка 2: Исклучена е од петокот, 16.01.2026 година.

И покрај тоа што ТИТАН Усје целосно не работи, мерните станици покажаа фрапантни бројки:

  • 16.01 (петок): 275 µg/m3.
  • 17.01 (сабота): 250 µg/m3.
  • 20.01 (вторник): 221 µg/m3.

„Дека нашето работење не е поврзано со состојбите со амбиенталниот воздух во Скопје зборува и фактот дека и кога компанијата не работи, загадувањето е високо“, децидни се од Усје.

Компанијата потсетува дека поседува А-интегрирана дозвола и е под 24-часовен независен мониторинг, чии резултати се јавно достапни.

Дополнително, како дел од интернационална групација, во изминатите шест години инвестирале над 36 милиони евра, од кои 4,5 милиони евра директно за заштита на животната средина.

ТИТАН Усје апелира нивното работење да се оценува врз основа на стручност и закони, а не преку „лични и паушални ставови“ кои не носат решение за проблемот со воздухот.