Македонија

Томовски: Службените возила со „црвени таблички“ лесно се препознаваат, граѓаните масовно пријавуваат злоупотреби

Томовски: Службените возила со „црвени таблички“ лесно се препознаваат, граѓаните масовно пријавуваат злоупотреби

Воведувањето на специфичните службени таблички со црвена табличка веќе дава видливи резултати во јавноста, иако процесот на нивна целосна замена сè уште трае. Ова го истакна директорот на Службата за општи и заеднички работи (СОЗР), Ивица Томовски, во емисијата „Ноќно студио“ на 4ТВ објаснувајќи го напредокот на мерката која беше донесена со цел да се спречи злоупотребата на државните ресурси.

Според Томовски, првичните проценки покажувале дека во државата има над 6.500 службени возила, но во оваа бројка се вклучени и возила кои законски се изземени од оваа обврска.

„Бројката на возила со вакви таблички моментално е над 3.500. Од оваа категорија се изземени единствено Министерството за внатрешни работи (МВР), Агенцијата за разузнавање (АР) и Агенцијата за национална безбедност (АНБ), како и 45-те возила од марката ‘Шкода’ кои ги користат министрите. Сите останати службени возила во државата веќе имаат или ќе добијат вакви таблички во моментот на нивната следна регистрација“, објаснува Томовски.

Иако директорот на СОЗР признава дека со оваа мерка можеби не е постигнато 100-процентно искоренување на злоупотребите, тој нагласува дека возилата сега се лесно препознатливи во сообраќајот, со што се отвора можност за директен граѓански надзор.

СОЗР има отворено посебна телефонска линија и е-маил адреса каде граѓаните можат да пријават доколку забележат службено возило кое се користи во приватни цели или надвор од работното време, а голема улога играат и медиумите кои често ги јавно ги соголуваат овие прекршоци.

Томовски детално го појасни и протоколот кој се активира по секоја примена дојава од граѓаните:

  • Идентификација: Најпрво се проверува сопственоста на возилото врз основа на регистарската табличка.
  • Проследување: Пријавата се препраќа до матичната институција која е сопственик на возилото.
  • Налог за мерки: Од институцијата се бара да ги преземе сите расположливи законски мерки против одговорното лице.
  • Повратен одговор: Институцијата е должна да ја извести СОЗР за исходот, по што службата го информира граѓанинот кој ја поднел пријавата.

Со ова, според надлежните, се затвора кругот на одговорност и се испраќа јасна порака дека државниот имот не смее да се користи за лични потреби.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни