Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денеска истакна дека државата во оние услови кои ги наследи од претходната власт е моментално во многу лоша состојба во однос на справувањето со пожари.
„Факт е дека државата во оние услови кои ги наследи од оние кои претходно ја менаџираа е моментално во многу лоша состојба од аспект на технички услови, кадар, оперативно, системска поставеност, начин на реагирање, брзо и соодветно, начин на откривање итн. Но, факт е дека даваме се од себеси. Факт е дека сме посветени максимално на ова“, рече Тошковски.
Тој додава дека најчесто човечки фактор ги предизвикува пожарите и оти оперативната акција „Пожар 2024“ за справување со пожарите е веќе отворена.
Како што вели, пронајдени, лоцирани и лишени од слобода во изминатиот период повеќе лица во врска со конкретни пожари.
„Мислам дека сите информации јавно се споделени преку МВР. Жестоко реагираме на сите информации кои ги добиваме. Секако за сето тоа треба да се обезбедат соодветни докази. Пуштени се оперативни тимови на терен, сите началници на СВР се фокусирани на ова, гранична полиција е вклучена во рамки на оперативни обработки и теренско делување. Правиме се што можеме да направиме за да ги лоцираме оние кои се директни виновници за предизвикување на пожарите, и соодветно да ги процесуираме пред органите на прогонот. Најчесто станува збор за човечки фактор којшто ги предизвикува пожарите. Жестоко ќе реагираме во иднина на секој оној којшто со докази ќе успееме да го процесуираме во законита постапка“, вели Тошковски.
Тошковски информира дека е активиран повторно ЕУ механизмот и неколку земји доставуваат воздухопловни летала.
„Информиран сум дека треба да пристигнат во текот на денешниот ден, еден хеликоптер од Србија ќе пристигне во текот на вечерните часови. Мислам дека беше договорено да пристигне еден хеликоптер од Чешка, говориме за два канадери од Германија. Министерот за надворешни работи има разговарано и со неговите колеги од Турција, Унгарија, Австрија. Правиме се што можеме, ќе сториме се што можеме во насока максимално да се екипираме и одговориме соодветно на сите овие кризни состојби кои се факт дека се реалност во Македонија. Народот го гледа тоа и народот гледа дека Македонија е во една катастрофална состојба што е исто така факт. Но, притоа срам да им е на овие политички „добронамерници“ коишто обвинуваат дека некој друг е крив затоа што државата ја оставија на вакво дереџе да нема систем. Имаме недоволно екипирани пожарникари. Немам доволно возила, немаме гориво. Донесовме одлука за да се обезбеди гориво на ЈП „Национални шуми“ заради тоа што го оставиле претпријатието четири месеци без плата за вработените и без никаква соодветна опрема“, нагласи министерот Тошковски.