Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски изјави дека фишинг пораките кои граѓаните ги добиваат за наводни казни од системот „Сејф сити“ потекнуваат од странски телефонски броеви и дека тие лесно можат да се препознаат.
Тошковски нагласи дека станува збор за лажни пораки кои немаат никаква поврзаност со официјалниот систем на Министерството за внатрешни работи.
„Сите фишинг напади се од странски броеви и лесно се препознаваат“, изјави министерот, додавајќи дека граѓаните треба да внимаваат на ваквите обиди за измама.
Тој појасни дека официјалните пораки од МВР содржат препознатлива ознака и доаѓаат преку официјални канали.
„На официјалниот број на МВР има официјална кратенка и тоа јасно се препознава“, додаде Тошковски.
Според информациите од Секторот за информатика при Министерството, ваквите измами не можат да бидат испратени од домашни телефонски броеви.
„Сите се од странски броеви и од домашен број не може да биде извршен фишинг напад“, истакна тој.
Министерот посочи дека вакви дигитални измами постојат насекаде во светот и дека измамниците постојано ги користат новите технологии и комуникациски канали за да дојдат до граѓаните.
Во однос на системот „Сејф сити“, Тошковски објасни дека новиот начин на известување претставува модернизација во споредба со претходните практики со хартиени пратки, но истовремено бара и поголема внимателност од граѓаните.