Трагедија во Штип: Пронајдена почината студентка од Турција во изнајмен стан

Телото на млада студентка од Турција е пронајдено без знаци на живот во изнајмен стан во Штип, на улицата „Васил Главинов“, дознава неофицијално ТВ Стар.

Според информациите, случајот бил пријавен откако нејзини колеги повеќе дена се обидувале безуспешно да воспостават контакт со неа, по што ја известиле надлежната служба.

Се вчитува...

На местото на настанот денеска биле присутни екипи на СВР Штип, Итната медицинска помош и Територијалната противпожарна единица Штип, кои извршиле увид во станот.

Според првични информации од очевидци, станува збор за студентка која живеела сама во изнајмениот објект. Полицијата го пронашла сопственикот на станот, а увидната екипа влегла во просториите преку прозорец.

Во овој момент нема официјални детали за причините за смртта, ниту дали се работи за насилна смрт или друг вид на околности.

Телото на починатата е предадено на обдукција, по што се очекува да бидат утврдени точните причини за смртта.