Првиот министер за одбрана на независна Македонија, Трајан Гоцевски, во „Отвореното студио“ на 4ТВ по повод независна Македонија се осврна на периодот на осамостојувањето и на условите во кои државата ја стекна независноста.
Гоцевски вели дека Македонија била последната република на Балканот што станала независна држава и дека процесот се одвивал во исклучително специфични услови и под сериозни притисоци.
Тој нагласува дека за првпат во својата историја македонскиот народ добил своја суверена и независна држава.
Тој откри и детали за безбедносната состојба во Македонија во тој период.
Според неговото сведоштво, сојузното претседателство на Југославија ја овластило Југословенската народна армија да интервенира во републиките кои ќе покажат сепаратизам.
„Беа подготвени за четири до шест часа Македонија да ја стават под воена управа“, раскажува Гоцевски.
Тој посочува дека Македонија тогаш немала сопствена армија, а ЈНА била значително посилно вооружена и бројчано надмоќна.