Свет

Трамп го прекина обезбедувањето на Камала Харис

Трамп го прекина обезбедувањето на Камала Харис

Актуелниот претседател на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп, донесе одлука за укинување на заштитата на Тајната служба за поранешната потпретседателка Камала Харис, пренесува CNN, повикувајќи се на документ до кој имал пристап.

Наредбата, испратена во четврток, е содржана во писмо со наслов „Меморандум до министерот за внатрешна безбедност“, во кое стои дека од 1 септември 2025 година се прекинуваат сите безбедносни процедури за Харис, освен оние кои се законски задолжителни.

Одлуката доаѓа во период кога Харис започнува турнеја за промоција на нејзините мемоари „107 дена“, чија официјална промоција е закажана за 23 септември.

„Потпретседателката е благодарна на Тајната служба на САД за нивниот професионализам и посветеност на безбедноста“, изјави Кирстен Ален, нејзина советничка.

Според CNN, со укинувањето на заштитата не се повлекуваат само агентите кои ѝ обезбедуваа 24-часовна заштита, туку и анализата на можни закани, како и обезбедувањето на нејзините лични комуникации и онлајн активности. Дополнително, нејзиниот дом во Лос Анџелес повеќе нема да биде обезбедуван од федерални агенти.

Американското законодавство предвидува доживотна заштита за поранешните претседатели, додека поранешните потпретседатели имаат право на шестмесечна заштита по завршувањето на мандатот. Тој рок за Харис заврши на 21 јули годинава.

Нејзината заштита сепак беше продолжена за дополнителни 12 месеци со директива потпишана од тогашниот претседател Џо Бајден, непосредно пред напуштањето на функцијата.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни