Трамп: Ќе го продолжиме примирјето со Иран

Претседателот на САД, Доналд Трамп, изјави вечерва, на 21 април, дека примирјето со Иран е продолжено, но дека блокадата ќе остане во сила.

Во продолжение објавата на Трамп на социјалната мрежа Truth Social:

„Врз основа на фактот дека иранската влада е сериозно поделена, што не е неочекувано, и на барање на фелдмаршалот Асим Мунир и пакистанскиот премиер Шехбаз Шариф, побарано е да го одложиме нападот врз Иран додека нивните лидери и претставници не изнесат единствен предлог.

Затоа ѝ наредив на нашата војска да ја продолжи блокадата и, во сите други аспекти, да остане подготвена и способна, и затоа ќе го продолжам прекинот на огнот додека нивниот предлог не биде доставен и разговорите не завршат, на овој или на оној начин.“

Да потсетиме, Трамп претходно изјави дека не сака да го продолжи примирјето. Привременото примирје меѓу САД и Иран требаше да истече во среда рано наутро по наше време, а нов круг преговори сè уште не е одржан откако првиот заврши без резултат.