Шефицата на кабинетот на Белата куќа, Сузи Вајлс, има рак на дојка во рана фаза и веднаш ќе започне со лекување, но планира да продолжи да ја извршува должноста за време на терапијата, соопшти денеска претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп.
Трамп на својата социјална мрежа „Truth Social“ наведе дека Вајлс има „одлична прогноза“ и дека за време на лекувањето практично постојано ќе престојува во Белата куќа.
„Таа има фантастичен медицински тим и прогнозата е одлична. Во текот на периодот на лекување ќе поминува практично полно работно време во Белата куќа, што мене, како претседател, ме прави многу среќен“, наведе Трамп, а пренесе „NBC News“.
Тој истакна дека одлучноста на Вајлс (68) да продолжи да работи додека се лекува ја покажува нејзината сила и посветеност на јавната служба.
„Нејзината сила и посветеност да продолжи со работата што ја сака и која ја извршува толку добро додека поминува низ лекување, го зборува сето она што треба да го знаете за неа. Сузи е еден од моите најблиски и најважни советници, таа е цврста и длабоко посветена на служењето на американскиот народ“, напиша Трамп.
Како што наведе „Fox News“, Трамп додаде дека тој и неговата сопруга Меланија Трамп ѝ даваат полна поддршка на Сузи Вајлс и очекуваат дека наскоро целосно ќе закрепне.
