Доналд Трамп изјави дека постигнал договор за испраќање оружје до НАТО со цел да ѝ се помогне на Украина.
Американскиот претседател рече дека ќе испратат „најсовремено оружје“ до НАТО, кое потоа ќе може да го проследи до Украина.
„Денес постигнавме договор според кој ќе им испратиме оружје, а тие ќе го платат,“ изјави тој.
Трамп нагласи дека трошоците за оружјето ќе ги покријат земјите-членки на НАТО, а не американските даночни обврзници.
„Војната мора да запре“, изјави Трамп и додаде: „Ова претставува воена опрема вредна милијарди долари која ќе биде купена од Соединетите Американски Држави, ќе оди кај НАТО, и потоа брзо ќе биде распоредена на бојното поле.“
Инаку, претседателот на САД, Доналд Трамп ѝ се закани на Русија со нови царини доколку не се постигне договор за крај на војната во Украина во рок од 50 дена.
Говорејќи од Белата куќа заедно со генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, Трамп изјави дека е „многу незадоволен“ од Москва.
Тој се закани со „тешки царини“ од „околу 100 проценти“, кои ги нарече „второстепени царини“, доколку не биде постигнат договор во дадениот рок.