Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека за време на претстојната средба со рускиот претседател Владимир Путин, во петок во Алјаска, брзо ќе процени дали постои можност за договор околу прекинување на војната во Украина.
„Веројатно во првите две минути ќе знам дали може да се постигне договор“, изјави Трамп пред новинарите, додавајќи дека очекува разговорите „да бидат добри, но може и да бидат лоши“.
На прашањето дали украинскиот претседател Володимир Зеленски ќе присуствува на средбата, Трамп одговори дека тој „не бил дел од планот“, но додаде дека би можел да дојде. „Зеленски е на состаноци веќе три и пол години и ништо не се случи“, рече американскиот лидер.
Трамп истакна дека неговата цел е да стави крај на војната. „Тука сум од една причина – да се ослободиме од војна што некој друг ја започна. На крајот, ќе ги ставам и двајцата – Путин и Зеленски – во иста просторија, дали ќе бидам таму или не, и мислам дека ќе се реши“, порача тој.
Претседателот на САД потврди и дека пред средбата со Путин ќе разговара со европските лидери.
Тие претходно се видоа на 16 јули 2018 година во Хелсинки, Финска. Ова беше нивната последна средба лице в лице.