Американскиот претседател Доналд Трамп во интервју за британскиот „Дејли Телеграф“ изјави дека „сериозно размислува“ за повлекување на САД од НАТО, откако членките на Алијансата не ја поддржале американската воена акција против Иран.
Трамп во интервјуто, објавено денеска, го нарече НАТО „тигар од хартија“ и рече дека можноста за повлекување на САД од Договорот на НАТО „отишла подалеку од преиспитување“.
„Телеграф“ пишува дека ова е најсилниот сигнал досега дека, поради одбивањето на сојузниците да испратат воени бродови на барање на Трамп за повторно отворање на пловидбата низ Ормутскиот теснец, Белата куќа повеќе не ја смета Европа за сигурен партнер во одбраната.
На прашањето дали по војната со Иран ќе го преиспита членството на САД во НАТО, Трамп одговори:
„О да! Би рекол дека тоа отиде подалеку од преиспитување… Секогаш знаев дека тоа е тигар од хартија, а, патем, и Путин го знае тоа“, изјави Трамп.
Партнерите во Алијансата биле неволни да помогнат за повторно отворање на теснецот низ кој минуваат 20 отсто од светската нафта. Техеран со недели практично го држи затворен овој пловен пат, што доведе до раст на цените на нафтата и гасот во светот и опасност од глобална рецесија.
Трамп рече дека очекувал помошта од членките на НАТО да биде „автоматска“, бидејќи САД насекаде така помагале, вклучително и во Украина, иако „Украина не беше наш проблем“.
Тој додаде дека поддршката во таа војна била „тест“ за останатите членки на НАТО: „Тоа беше тест и ние бевме таму за нив, и секогаш би биле таму за нив, но тие не беа тука за нас“.
Трамп ја издвои Велика Британија и го критикуваше премиерот Кир Стармер што одбил да испрати сили во американско-израелската војна против Иран, оценувајќи дека британската морнарица не е дорасната на таква задача.
„Немате ни морнарица. Премногу сте стари и имате неисправни носачи на авиони“, изјави Трамп.
Белата куќа, како што се наведува, сè повеќе е фрустрирана од долгогодишните сојузници поради нивниот став кон војната со Иран.
Американскиот државен секретар Марко Рубио, неколку часа пред изјавите на Трамп, за „Фокс њуз“ изјави дека ќе се преиспита учеството на САД во Алијансата, нарекувајќи го НАТО „еднонасочна улица“, каде се очекува САД да им помагаат на сојузниците, додека тие одбиваат да ѝ помогнат на Америка кога ѝ е потребно.