Трамп: САД уништија бродови што поставуваа мини

Американската војска погодила и „целосно уништила“ десет неактивни пловила за поставување мини, изјави во вторникот американскиот претседател Доналд Трамп, предупредувајќи дека сите мини кои Иран евентуално ги поставил во Ормускиот теснец мора веднаш да бидат отстранети.

Во очигледен одговор на медиумските извештаи дека Иран почнал да поставува мини во теснецот, Трамп во вторникот на социјалната мрежа Truth Social напиша:

„Ако Иран поставил какви било мини во Ормускиот теснец, а ние немаме извештаи дека тоа го сторил, сакаме тие да бидат отстранети – веднаш!“

Тој додаде дека Техеран би се соочил со воени последици доколку тоа не го направи, без да изнесе дополнителни детали.

„Ако од која било причина се поставени мини, а не бидат веднаш отстранети, воените последици за Иран ќе бидат на ниво какво никогаш досега не е видено. Ако, пак, го отстранат она што можеби е поставено, тоа ќе биде голем чекор во вистинска насока“, напиша Трамп.

Тој наведе и дека САД користат иста технологија каква што се применува против криумчарите на дрога за „трајно да го елиминираат секој чамец или брод што ќе се обиде да постави мини во Ормускиот теснец“, додавајќи дека американските сили погодиле и уништиле десет неактивни пловила за поставување мини.

Претходно во вторникот, CBS News објави дека американските разузнавачки служби забележале индикации дека Иран презема чекори за распоредување мини во Ормускиот теснец.