Претседателот Доналд Трамп го оцени својот втор мандат како одличен (5), и покрај тоа што рејтингот на неговата поддршка падна на рекордно ниско ниво. Во исто време, неговата партија би можела да ја изгуби контролата врз Претставничкиот дом, а потенцијално и врз Сенатот, поради незадоволството на гласачите од економската ситуација, пишува „Политико“.
„Ни давам оценка одличен (5) за работата на владата, за економијата, за сè“, изјави Трамп во Белата куќа. Тој ја даде оваа изјава пред да замине за Тексас, каде што во компанијата „Питербилт моторс“ (Peterbilt Motors Co.) ќе ги претстави резултатите од работата на неговата администрација. Трамп веќе двапати оваа недела индиректно го обвини сопствениот тим за неуспехот да ги соопштат позитивните резултати постигнати во речиси двете години на функцијата. Во четвртокот, тој додаде дека „медиумите не се однесуваат фер кон нас“.
Сепак, со оглед на тоа што инфлацијата е постојано висока, цените на горивото се над 4,40 долари за галон, а каматните стапки за станбени кредити надминуваат 7 проценти, дури и републиканците во традиционално конзервативните држави се соочуваат со силна опозиција што ги загрозува нивните мандати.
Самооценката на претседателот доаѓа во момент кога високите трошоци за живот остануваат главен проблем за републиканците пред ноемвриските избори. Анкетата на AP-NORC покажува дека само 26 проценти од Американците го одобруваат начинот на кој Трамп управува со економијата, а само 17 проценти го одобруваат неговиот пристап кон решавањето на проблемот со трошоците за живот.
Дури 65 проценти од испитаниците сметаат дека политиките на Трамп придонесуваат за невообичаено високите цени. Ова е клучно прашање бидејќи републиканците се во неповолна положба пред изборите на средината од мандатот, додека Трамп се подготвува да води кампања заедно со кандидатите на својата партија во последните недели пред гласањето.
Гласачите постојано ја наведуваат економијата како главен приоритет, што им овозможува на демократите да ги насочат своите завршни напори во кампањата конкретно кон цените и трошоците за живот.
Трамп повторно го изнесе своето предвидување дека цените на енергенсите наскоро ќе паднат. Цените нагло пораснаа откако САД и Израел извршија заеднички напади врз Иран кон крајот на февруари. „Цената на нафтата ќе падне многу, многу брзо“, рече тој, додавајќи: „Цените на нафтата ќе се намалат штом ќе завршиме со Иран – а ние практично веќе сме завршиле со нив“.