На рид во Округот Дорсет, во јужна Англија бил изграден бетонски бункер во 1941 година, а сега истиот ќе добие нова функција и ќе се пренамени во викендичка на море.
Бункерот бил изграден во Втората светска војна и во моментов изгледа како бетонска тврдина без прозорци.
Овој букнер некогаш бил дел од радарска станица „РАФ“ која ги откривала нацистичките авиони, а откако завршила војната, некои бункери биле користени и за следење на советските бомбардери до 1950-тите.
Денес има само неколку сочувани бункери, а еден од нив е токму овој што ќе биде претворен во викендичка.
Од 1974 година, бункерот не е користен, а се наоѓа на семејна фарма која постои повеќе од 400 години, и сега го чека целосна преобразба, за што одговорноста им припадна на архитектите на „Липтон плант“.
Бункерот е невидлив однадвор, бидејќи е „сокриен“ во тревата. Нема прозорци, но тие ќе бидат додадени. Поточно, бункерот ќе добие еден голем прозорец, така што корисниците ќе може да уживаат во прекрасниот поглед кон морето.
Реновираниот објект ќе вклучува кујна, дневна, главна спална соба, дополнителна спална, бања и тераса. Бетонските ѕидови ќе останат заради естетиката и автентичноста на бункерот.
